← globalread.info

antropol.mk · 10/13/2026 · 0 views

Share this story

Панајотов: Од забрана за реконструкција до зелено светло за загадувачите

Story illustration

Пишува Александар Панајтов- Координатор на Зелен сектор при Левица

Со бришењето на зборовите „или реконструкција“, во Законот за животна средина , поточно за измена на член 20 став (1), алинеја 2, се отвора пат за повторно активирање на индустриски капацитети, за нови интервенции во постојните загадувачки постројки и за дополнителен ризик по здравјето на граѓаните. Додека државата се соочува со алармантно загадување на воздухот, законските измени ја отвораат вратата за индустриски активности во непосредна близина на населените места или за реактивирање на веќе затворени индустриски капацитети во населени места.

Македонија со години се соочува со сериозни последици од аерозагадувањето. Во моментов е на врвот на Европа по број на починати поради загаден воздух. Во 2023 година таа бројка изнесуваше 222 лица на 100.000 жители во ризик. Во периодот 2019 – 2021, 4.175 смртни случаи во Македонија се поврзани со изложеност на PM2.5 честички, што претставува 17 отсто од вкупната смртност кај населението над 30 години. Само во Скопје, годишно од 850 до 1.250 луѓе умираат како последица на аерозагадувањето.

Предложените измени на законската забрана за изградба и реконструкција на тешка индустрија во близина на населени места отвораат сериозен проблем. Со бришењето на зборовите „или реконструкција“, се менува опсегот на забраната и се создава можност за проширување и модернизација на постоечките загадувачки капацитети низ целата држава, без притоа тие да бидат оддалечени од населените места. Ова директно ги загрозува животот и здравјето на сите граѓани – од Скопје до Битола, од Велес до Тетово, од Куманово до Кичево.

Низ Македонија постојат седум индустриски „жешки точки“ идентификувани во Планот за управување со отпад 2021-2031: ОХИС во Скопје, Лојане во Куманово, Макстил во Скопје, РЕК Битола, Југохром во Тетово, МХК Злетово во Велес и РЕК Осломеј во Кичево.

Разликата меѓу досегашното решение и предложената измена најдобро се гледа преку конкретни примери.

Топилницата во Велес е најочигледниот пример. Со досегашната законска забрана, нејзиното повторно ставање во функција преку реконструкција на индустрискиот капацитет би било спречено доколку таквата реконструкција потпаѓа под забраната. Со бришењето на зборовите „или реконструкција“, се отвора можност повторното активирање да се разгледува поинаку од досега, односно се отстранува една од законските пречки што досега би можеле да го спречат таквиот потег.

За Велес, ова прашање има посебна тежина. Градот веќе има историско искуство со тешкото загадување предизвикано од поранешната топилница за олово и цинк. Таквата индустрија носи ризик од емисии на олово, кадмиум и други опасни материи, зависно од технолошкиот процес и мерките за контрола. Оловото може да го оштети нервниот систем, особено кај децата, да влијае врз развојот и да предизвика проблеми со бубрезите и крвотворниот систем. Кадмиумот може да ги оштети бубрезите, а долготрајната изложеност на одредени соединенија е поврзана и со зголемен ризик од рак. Затоа, повторното активирање на ваков капацитет не смее да се третира како обично инвестициско прашање.

Сличен проблем може да се појави и кај комплексот Железара, во кој работи Макстил, а е пример за индустрија чии реконструкции и технолошки интервенции мора да се оценуваат според нивното влијание врз околните населени места. Досегашната забрана, во делот кој се однесува на реконструкција, претставува законско ограничување за ваквите зафати. Со предложеното бришење, се отвора простор за поинакво толкување на тоа што може да се реконструира и под кои услови.

Кај Југохром во тетовскиот регион, прашањето е уште посложено поради ризиците поврзани со отпадот од производството на ферохром и присуството на шестовалентен хром. Овој облик на хром е канцероген и може да го загрози здравјето преку вдишување и изложеност преку вода и почва. Доколку се дозволуваат реконструкции или повторно активирање на индустриски процеси, тие мора да бидат придружени со строга процена на ризиците, контрола на емисиите и соодветно управување со опасниот отпад. Проблемот е што законската измена не смее да се сведе на отстранување на забраната, без истовремено да се гарантира дека здравјето на населението ќе има предност пред профитот.

Во Скопје, ОХИС претставува дополнително предупредување колку долготрајни можат да бидат последиците од индустриското загадување. Наследеното загадување со линдан и други опасни материи е сериозен еколошки проблем што бара санација, надзор и трајни мерки за заштита. Самиот факт дека постои вакво индустриско наследство е доволна причина државата да биде особено претпазлива кога одлучува за нови индустриски активности во населени места. Не смее да се дозволи законската измена да стане основа за нови ризици во средини во кои граѓаните и денес се соочуваат со последиците од старите загадувања.

Проблемот не завршува со овие примери. Во близина на РЕК Битола и РЕК Осломеј, секоја реконструкција што може да ги промени емисиите на прашина и други загадувачки материи мора да биде предмет на независна процена и контрола. Кај рударските и металуршките локации, како Лојане, неопходно е да се спречи разнесувањето на токсичниот отпад и неговото навлегување во почвата и водите. Во сите овие случаи, бришењето на зборовите „или реконструкција“ може да го промени начинот на кој ќе се применува забраната, но само конкретните законски одредби и условите за издавање дозволи ќе покажат какви зафати навистина ќе бидат дозволени.

Што ќе се случи по усвојувањето на измената?

Правна дупка и неказнивост: Со бришењето на „или реконструкција“, се создава правна празнина која ќе им овозможи на индустриските капацитети да вршат реконструкција, проширување и модернизација без да мора да се придржуваат до забраната за работа во близина на населени места. Ова е директно спротивно на принципот на превенција и на начелото „загадувачот плаќа“.

Зголемено загадување и здравствени последици: Во 2025 година, 17 мерни станици низ Европа регистрираа концентрации на PM2.5 над годишната граница на ЕУ. Девет од тие 17 критични мерни точки беа во Македонија. Со дозволување на реконструкција на тешка индустрија во близина на населени места, ќе се зголемат емисиите на канцерогени супстанции, ќе се зголемат респираторните и кардиоваскуларните заболувања и ќе се зголеми бројот на предвремени смртни случаи. Според проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, 20 до 30 отсто од вкупната смртност во градовите со високо загадување се должи на аерозагадувањето.

Неможност за заштита на заштитените подрачја: Забраната се однесува и на заштитени природни подрачја. Со нејзиното укинување, се дозволува реконструкција на тешка индустрија во близина на вакви подрачја, што може да доведе до трајно уништување на биодиверзитетот и екосистемите.

Правна несигурност и корупција: Иако измената навидум им оди во прилог на инвеститорите, таа создава правна несигурност бидејќи не е јасно кои проекти за реконструкција ќе бидат дозволени, под кои услови и со каква оценка за влијанието врз животната средина. Ова може да доведе до произволни одлуки и корупција. Како што истакнува иницијативата „Зелен хуман град“, „законите постојано се носат во Парламентот, без сериозна опозиција, кои дополнително ја туркаат Македонија надолу во трката кон дното“.

Кршење на меѓународните обврски: Македонија е потписничка на Архуската конвенција, која гарантира право на здрава животна средина, пристап до информации и учество на јавноста. Со оваа измена, државата ги гази сопствените меѓународни обврски и ги игнорира барањата на граѓаните за чиста животна средина. Дополнително, Европската комисија во својот извештај за 2025 година експлицитно наведува дека законодавството за оцена на влијанието врз животната средина на Македонија не е усогласено со правото на ЕУ.

Неефикасни мерки и институционална немоќ : Веќе со години, 39 инструменти за мерење на загадувањето не работат: 30 отсто од вкупниот број. Не се мерат тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот и хемискиот состав на PM2.5, иако тоа е законска обврска. Со укинување на забраната за реконструкција, институциите ќе имаат уште помалку капацитет да го контролираат загадувањето.

Токму затоа, Владата и парламентарното мнозинство должат јасен одговор: кои капацитети ќе можат да се реконструираат, дали ќе биде дозволено повторно активирање на постројки што со години не работат и какви гаранции ќе имаат жителите дека нивниот воздух, вода и почва нема дополнително да бидат загрозени?

Законска измена од ваков обем не смее да се носи без сериозна јавна расправа, стручни анализи и учество на засегнатите граѓани. Особено е проблематично кога прашање што непосредно влијае врз животната средина се турка низ Собранието со скратени рокови за поднесување амандмани, додека надлежната комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, според наведените податоци, две години не одржала ниту еден состанок. Ако институциите немаат време или волја да ги разгледаат последиците од законските измени, кој ќе ги заштити граѓаните од нивните штетни последици?

The post Панајотов: Од забрана за реконструкција до зелено светло за загадувачите appeared first on Антропол .

The post Панајотов: Од забрана за реконструкција до зелено светло за загадувачите appeared first on Антропол .

Source: antropol.mk ↗
Share this story

Ask globalread.info

AI news & website helper
What would you like to explore?

I can find stories, explain headlines, or help you use globalread.info.

AI can make mistakes. Check the linked sources. Questions are sent to OpenAI.